Add parallel Print Page Options

Савле ја прогонува Црквата

Савле го одобруваше убиството на Стефан.

Од тој ден почна големо прогонство против Црквата во Ерусалим, па сите христијани, со исклучок на апостолите, се раштркаа по јудејските области и по Самарија.

Неколку побожни луѓе го погребаа Стефан, оплакувајќи го на сиот глас.

Савле почна да ја уништува Црквата дом по дом. Влегуваше, ги извлекуваше и мажите и жените, и ги испраќаше в затвор.

Радосната вест се проповеда низ Самарија

Христијаните што се раштркаа поради прогонствата, одеа од место во место и ја проповедаа Радосната вест за Христос. Филип, на пример, отиде во градот Самарија и на тамошните жители им проповедаше за Христос. Сиот народ многу внимателно го слушаше она што Филип им го зборуваше и ги гледаше чудата што тој ги правеше. Многу демонски духови со силен викот излегуваа од обземените и многу парализирани и сакати беа исцелени. Во градот завладеа голема радост.

Имаше таму и еден човек по име Симон. Тој порано правеше магии и ги восхитуваше луѓето, тврдејќи за себе дека е голем човек. 10 Него го слушаа сите, од мало до големо, велејќи: „Овој човек е сила Божја - ,Голема сила‘.“ 11 Тие го слушаа бидејќи долго време ги восхитуваше со магии и трикови. 12 Но кога поверуваа во она што го зборуваше Филип, кој им проповедаше за Божјото царство и за Исус Христос, сите се крштаваа, и мажи и жени. 13 Дури и Симон поверува, и се крсти. Му се придружи на Филип и се восхитуваше од чудата и од видливите докази што Филип ги правеше.

14 Кога слушнаа апостолите во Ерусалим дека народот во Самарија ја прифатил Божјата порака, ги испратија кај нив Петар и Јован. 15 Кога пристигнаа тие, се помолија за овие нови христијани да Го примат Светиот Дух, 16 бидејќи Тој се уште не беше слегол над ниту еден од нив, туку тие само беа крстени во името на Господ Исус. 17 Тогаш Петар и Јован се помолија, положувајќи ги рацете врз нив, и тие Го примија Светиот Дух.

18 Кога Симон виде дека Светиот Дух им беше даден преку ракополагање од страна на апостолите, им понуди пари 19 и им рече: „Дајте ми ја и мене оваа моќ, та врз кого ќе положам раце, да Го прими Светиот Дух!“

20 Но Петар му одговори: „Одете во неврат и ти и твоите пари, штом мислиш дека Божјиот дар може да се купи за пари! 21 Нема за тебе место, ти не можеш да учествуваш во оваа работа, зашто се покажа дека твоето срце не е праведно пред Бог! 22 Затоа покај се што помисли таква зла работа и помоли Му се на Бог. Можеби ќе ти ја прости оваа нечесна намера, 23 зашто гледам дека си полн со горчина и окован во стегите на гревот.“

24 Тогаш Симон извика: „Молете Му се на Господ за мене, за да не ме снајде ништо од она што го спомнавте!“

25 Откако Петар и Јован сведочеа и проповедаа за Господ, се вратија во Ерусалим. Патем ја проповедаа Радосната вест по многу села во Самарија низ кои поминуваа.

26 Потоа ангел Господов му рече на Филип: „Стани и оди на југ, по пустинскиот пат што се спушта од Ерусалим кон Газа!“ 27 Филип веднаш замина. По пат сретна еден Етиопјанец, евнух, виден службеник кој раководел со целата ризница во дворецот на етиопската царица Кандакија. Тој бил на поклонение во Ерусалим, 28 па сега се враќаше во Етиопија. Седеше во својата кола и ја читаше книгата на пророкот Исаија.

29 Светиот Дух му рече на Филип: „Приближи се до колата и придружи му се на Етиопјанецот.“

30 Филип го стаса и кога слушна како го чита пророкот Исаија, го праша: „Го разбираш ли ова што го читаш?“ 31 „Како би можел да го разберам, ако некој не ми го објасни?“ - одговори Етиопјанецот, па го покани да седне до него. 32 Тој го читаше следниов дел од Светото Писмо:

„Беше одведен како овца на клање,

молчеше како јагне на стрижење.

Уста не отвори, иако беше

33 понижен и лишен од правда, кога му судеа.

Кој ќе ја сфати неговата генерација[a]

која го лиши од живот на овој свет[b]!?“

34 Потоа евнухот го праша Филипа: „За кого го кажува ова пророкот: за себе или за некоја друга личност?“ 35 Тогаш Филип, почнувајќи од тоа место во Светото Писмо, му проповедаше за Исус.

36 Патувајќи така, дојдоа до една вода и евнухот рече: „Еве вода! Што ме спречува да се крстам!?“ 37 [c]

38 Тогаш евнухот нареди колата да застане, па двајцата слегоа во водата и Филип го крсти. 39 Кога излегоа од водата, Духот Господов го грабна Филипа и евнухот веќе не го виде. Потоа радосен си го продолжи патот. 40 А Филип се појави во градот Азот[d]. Минувајќи низ тие предели, ја проповедаше Радосната вест низ сите градови, се додека не стигна до Цезареја.

Footnotes

  1. Дела Ап 8:33 Буквално: Кој ќе зборува за Неговото поколение? Овој ред е тежок за преведување и може да има и други значења, како на пример: Тој ќе нема Свои наследници, зашто животот му се одзема. Можни се и други значења.
  2. Дела Ап 8:33 Цитат од Исаија 53:7-8.
  3. Дела Ап 8:37 Во некои подоцнежни ракописи стои и овој стих: Филип рече: ,Ако веруваш со сето свое срце, можеш.‘ Евнухот одговори: ,Верувам дека Исус Христос е Божји Син.‘
  4. Дела Ап 8:40 Овој град на хебрејски се вика Ашдод.