Add parallel Print Page Options

3) Три месеци на Малта

28 Откако се спасивме, дознавме дека се наоѓаме на островот Малта. Островјаните беа мошне љубезни спрема нас. Бидејќи врнеше дожд и беше студено, тие запалија оган и сите не прибраа.

Павле собра еден куп суварки и ги ставаше врз огнот, а една змија гонета од огнот излезе од суварките и му се впи во раката. Кога островјаните ја видоа змијата како виси на неговата рака, си проговорија меѓу себе: „Овој човек мора да е убиец! Се спаси од морето, но правдата не го остава да живее!“ Но Павле ја истресе змијата во огнот и немаше никакви последици по неговото здравје. Луѓето очекуваа Павле да отече или веднаш да падне мртов, но откако подолго време гледаа и чекаа, а со него ништо не се случи, си го сменија мислењето и си говореа дека тој човек е бог!

Во близината на тоа место имаше имот што му припаѓаше на Публиј, поглаварот на островот. Тој, најљубезно не прими и три дена не гоштаваше. Таткото на Публиј лежеше в постела, зашто имаше треска и страдаше од дизентерија. Павле му пријде, се помоли за него, ги положи рацете врз него и го исцели. По тој настан и други луѓе од островот што беа болни доаѓаа кај Павле и тој ги исцелуваше. 10 Заради ова, островјаните ни искажаа многу почести, а кога повторно испловивме, ни дадоа се што ни беше потребно за пловидбата.

4) Од Малта до Рим

11 По три месеци се качивме на еден брод од Александрија, што го носеше знакот на римските богови - близнаци[a] и ја беше минал зимата на Малта. 12 Стигнавме во Сиракуза[b] и таму останавме три дена. 13 Оттаму, пловејќи покрај брегот, стигнавме во Регија[c]. Утредента дувна јужен ветер, па по два дена стигнавме во Путеоли. 14 Таму најдовме неколку христијани, кои не поканија да останеме кај нив седум дена. Потоа продолживме кон Рим.

15 Тамошните христијани, откако слушнале за нас, дојдоа да не пречекаат уште кај Форумот[d] на Апиј, а други ни се придружија кај Трите Крчми[e]. Кога Павле ги виде, Му заблагодари на Бог и се охрабри.

16 Сега, кога веќе беше во Рим, на Павле му беше дозволено да живее каде што сака, чуван од само еден војник.

5) Средба со Евреите во Рим

17 По три дена Павле ги повика водачите на тамошните Евреи и им рече: „Јас, браќа, иако не направив ништо што би било на штета на нашиот народ или на обичаите на нашите предци, бев уапсен од Евреи во Ерусалим и предаден на римската власт. 18 Римјаните, откако ме сослушаа, сакаа да ме ослободат, бидејќи не најдоа никаква вина што би заслужувала смртна казна, 19 но кога Евреите се противставија на тоа, иако не можеа против мене да изнесат никакво обвинение, јас бев принуден да барам заштита од императорот. 20 Затоа ве викнав, за да се запознаам со вас и да ви објаснам дека јас ги носам овие окови поради тоа што верувам оти она на што се надеваше Израел - Месијата, веќе дојде.“ 21 Тие му одговорија: „Ние ниту сме добиле писмо во врска со тебе од Јудеја, ниту пак некој наш брат дошол да ни каже нешто лошо за тебе. 22 Сакаме од тебе да слушнеме што мислиш ти за христијанството[f], зашто слушаме дека насекаде се зборува против него.“

23 Определија ден и многумина дојдоа во неговата изнајмена куќа, а тој од утро до мрак им објаснуваше и им говореше за Божјото царство, ги уверуваше за Исус, читајќи им од Мојсеевите книги и од Книгите на пророците. 24 Некои се убедија од она што беше кажано, а некои не поверуваа. 25 Се појавија несогласувања, па почнаа да си заминуваат, а Павле им рече: „Во право беше Светиот Дух кога преку пророкот Исаија за вашите предци рече:

26 ,Оди кај овој народ и речи му:

Ќе го слушате Моето Слово, но нема да го разберете;

ќе ги гледате Моите дела, но нема да ги сфатите!

27 Зашто, срцата на овие луѓе им се закоравени!

Со ушите одвај слушаат, а очите си ги затвораат!

Не сакаат да видат, да слушнат, да разберат,

па да се свртат кон Мене за да ги исцелам[g]!‘

28 Затоа сакам да знаете дека ова спасение од Бог е испратено и за нееврејските народи и тие ќе го прифатат!“ 29 [h]

30 Таму Павле остана цели две години во изнајмена куќа[i] и ги примаше сите што му доаѓаа, 31 проповедајќи им за Божјото царство и поучувајќи ги за Господ Исус Христос, слободно и непречено.

Footnotes

  1. Дела Ап 28:11 Римските богови близнаци Кастор и Полукс.
  2. Дела Ап 28:12 На островот Сицилија.
  3. Дела Ап 28:13 На југот на Италија.
  4. Дела Ап 28:15 Форумот бил оддалечен од Рим седумдесет километри.
  5. Дела Ап 28:15 Местото наречено Трес Табернае (Три Крчми) било оддалечено од Рим педесет и седум километри.
  6. Дела Ап 28:22 На грчки: за оваа ерес.
  7. Дела Ап 28:27 Цитат од Исаија 6:9,10. Види и во Матеј 13:14-15.
  8. Дела Ап 28:29 Некои стари ракописи го содржат и овој стих: Откако го рече ова, Евреите си заминаа, жестоко препирајќи се меѓу себе.
  9. Дела Ап 28:30 Или: на свој трошок.