A A A A A
Bible Book List

Дела Ап 24Macedonian New Testament (MNT)

Павле на суд пред Феликс

24 По пет дена дојде Првосвештеникот Ананија со неколку старешини и со еден адвокат[a] по име Тертул, кој го изнесе пред гувернерот обвинението против Павле. Го повикаа Павле и Тертул почна да го изнесува обвинението:

„Почитуван гувернеру! Под Вашето владеење ние, Евреите, живееме во мир и спокојство. Вашата далековидост доведе до многу реформи за овој народ. За тоа секогаш и секаде Ви оддаваме признание, честити Феликсе, со голема благодарност. Но сега, за да не го трошам напразно Вашето време, Ве молам, знаејќи ја Вашата љубезност, накратко да ме ислушате.

Ние утврдивме дека овој човек е вистинска напаст, кој предизвикува препирки меѓу Евреите по целиот свет! Тој е челник на назаретската секта. Се обиде дури и храмот да го оскверни, но ние го уапсивме.[b] Сега Вие можете да го сослушате и да дознаете за што го обвинуваме.“

И другите Евреи го потврдуваа тоа што го зборуваше Тертул.

Одбраната на Павле пред Феликс

10 Гувернерот му даде знак на Павле дека може да зборува. Павле рече:

„Знам, господине, дека Вие веќе долго време му служите како судија на нашиот еврејски народ и добро ги познавате работите за кои сум обвинет, и затоа јас со голема доверба во вас ќе ја изложам својата одбрана. 11 Лесно ќе дознаете дека јас во Ерусалим пристигнав на поклонение во храмот пред дванаесетина дена. 12 Ниту во храмот ме затекнале со некого да се расправам, ниту во синагогите, ниту пак во градот сум го подбуцнувал народот на бунт. 13 Тие не можат да го докажат она за што ме обвинуваат.

14 Јас овде, пред Вас, признавам дека сум следбеник на Христовото учење[c] што тие го нарекуваат секта и на тој начин Му служам на Богот на нашите татковци, верувајќи во се што е запишано во Мојсеевите книги и во книгите на пророците. 15 И јас, како и тие, верувам во Бог и уверен сум дека Тој ќе ги воскресне мртвите, како праведните, така и неправедните. 16 Заради тоа правам се што знам и умеам, та мојата совест пред Бог и пред луѓето секогаш да биде чиста.

17 По повеќе години отсуство се вратив во Ерусалим, носејќи со себе доброволни прилози, за да му помогнам на мојот народ и да Му принесам жртви на Бог. 18 Овие што ме обвинуваат ме видоа во храмот кога веќе го бев завршил церемонијалното исчистување. Околу мене ниту имаше насобрано луѓе, ниту имаше некаков бунт. 19 Имаше само неколку Евреи дојдени од покраината Азија, кои требаше да бидат присутни, и ако имале нешто против мене, овде пред Вас нека го изнесат. 20 Нека кажат овие што дојдоа да ме обвинат, какво злосторство најдоа во мене кога ме изведоа пред еврејското народно собрание[d], 21 освен тоа што гласно изјавив: ,Денеска овде мене ми се суди затоа што верувам во воскресението на мртвите!‘“

22 Тогаш Феликс, кој добро го познаваше Христовото учење[e], го одложи сослушувањето, со вакво образложение: „Ќе почекаме полковникот Лисија да дојде овде. Тогаш ќе пресудам во врска со вашиот случај.“ 23 Потоа му нареди на офицерот да го задржат Павле во притвор, но да му дадат извесна слобода и да не спречуваат никој од неговите блиски да го посетува и да му помага.

Павле пред Феликс и Друсила

24 По неколку дена, дојде Феликс со својата жена Друсила, која беше Еврејка. Го повикаа Павле да им зборува за верата во Исус Христос. 25 Додека тој зборуваше за праведноста, за зауздување на телесните страсти и за Божјиот суд што претстои, Феликс се исплаши и му рече: „Оди си сега! Кога ќе имам време, пак ќе те викнам.“ 26 Феликс, всушност, се надеваше дека од Павле ќе добие мито и затоа честопати го викаше и разговараше со него.

27 Така поминаа цели две години. Тогаш на местото на Феликс дојде Порциј Фест. Сакајќи да им угоди на Евреите, Феликс го остави Павле в затвор.

Footnotes:

  1. Дела Ап 24:1 На грчки: оратор.
  2. Дела Ап 24:6 Во некои стари ракописи стои и следното: и сакавме да му судиме според нашиот закон. (7) Тогаш дојде полковникот Лисија и со голема војска насилно ни го одзеде, (8) наредувајќи ни оние што имаат обвинение против него да дојдат кај Вас.
  3. Дела Ап 24:14 Буквално: ...сум следбеник на Патот, што тие го нарекуваат секта. Види фуснота за 19:9, и Јвн. 14:6.
  4. Дела Ап 24:20 На грчки: синедрион.
  5. Дела Ап 24:22 Буквално: го познаваше Патот. Види фуснота за 19:9, и Јвн. 14:6.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes