A A A A A
Bible Book List

Дела Ап 2Macedonian New Testament (MNT)

Доаѓањето на Светиот Дух

Кога дојде празникот Духовден[a], сите христијани се собраа на едно место. Тогаш ненадејно од небото се чу бучава како од силен виор. Бучавата ја исполни целата куќа каде што беа собрани. Се појавија одвоени јазици, како од оган, и се спуштија врз секој од нив. Сите се исполнија со Светиот Дух и почнаа да зборуваат на различни[b] јазици, како што им даваше способност Светиот Дух.

Во тоа време во Ерусалим престојуваа побожни Евреи дојдени од секој народ под небесниот свод. Кога ја слушнаа бучавата, мнозина дотрчаа да видат што се случува и се збунија, зашто секој ги слушаше христијаните како зборуваат на неговиот јазик!

Сите се чудеа и збунето, велеа: „Како е можно ова? Зар сите овие луѓе што зборуваат не се од Галилеја? Како, тогаш, секој од нас го слуша јазикот од својот роден крај? Меѓу нас има Парќани, Мидијци и Еламијци, потоа луѓе што живеат во Месопотамија, во Јудеја, во Кападокија, во Понт и во Азија[c], 10 во Фригија и во Памфилија, во Египет, во областите на Либија близу до Киренеја, како и гости од Рим 11 (Евреи и прозелити[d]), луѓе од Крит и Арапи, и сите ние ги слушаме како зборуваат на нашите јазици за прекрасните дела што ги извршил Бог!“ 12 Зачудени и збунети, еден на друг си велеа: „Што ли значи ова?“ 13 Други, пак, се потсмеваа и велеа: „Пијани се! Се изнапиле слатко вино!“

Петар им се обраќа на насобраните

14 Тогаш стана Петар, заедно со другите единаесет апостоли, и гласно им се обрати на насобраните: „Луѓе, Евреи и сите други што живеете во Ерусалим! Ова треба да го знаете! Послушајте ме што ќе ви кажам: 15 Овие луѓе не се пијани, како што некои од вас претпоставуваат, зашто одвај е девет[e] часот наутро. 16 Ова што се случи утрово е исполнување на она што беше претскажано преку пророкот Јоел:

17 ,Во последните денови‘ - вели Бог -

,ќе излеам од Мојот Дух врз сите луѓе,

па ќе пророкуваат синовите и ќерките ваши,

момчињата ќе имаат виденија,

а старците ќе сонуваат соништа.

18 Во тие денови ќе излеам од Мојот Дух

врз сите Мои слуги и слугинки,

и тие ќе пророкуваат.

19 Ќе правам чуда горе на небесата

и видливи докази долу на Земјата -

крв и оган и столбови од чад.

20 Сонцето ќе поцрни,

а Месечината ќе се вцрви како крв,

пред да дојде тој голем и славен Господов ден.

21 Тогаш секој што ќе го повика името Господово

ќе биде спасен[f].‘

22 Израелци, слушнете ги овие зборови: Бог јавно го поддржа Исуса од Назарет, со тоа што преку Него изврши многу чуда, несекојдневни работи и чудотворни докази. Тоа и самите добро го знаете. 23 Но се случи онака како што беше определено и предвидено од сезнајниот Бог: вие Го предадовте Исуса и со помош на еден паганин[g], Го распнавте на крст и Го убивте. 24 Но Бог Го воскресна, ослободувајќи Го од смртта која очајнички настојуваше да Го задржи, но не можеше. 25 За Него, Давид вели:

‚Знам дека Господ е постојано со мене,

Тој ми е оддесно -

нема да потклекнам!

26 Поради тоа срцето ми е весело,

и душата ми се радува;

а и телото во надеж ќе ми почива,

27 зашто Ти во гробот нема да ме оставиш,

ниту ќе дозволиш

Твојот Светец да доживее распаѓање.

28 Ти ми го објави патот на животот,

Твоето присуство ќе ме исполни[h] со радост.‘

29 Луѓе, браќа, јасно е дека нашиот прататко Давид овде не зборува за себе, зашто тој умре, беше погребан и неговиот гроб е тука, меѓу нас, се до денешен ден. 30 Но бидејќи беше пророк и знаеше дека Бог му се беше заколнал оти потомок од неговите бедра ќе седи на неговиот престол, 31 претскажувајќи за тоа, тој зборуваше за воскреснувањето на Христос[i], Кој, ниту беше оставен во гробот, ниту Неговото тело доживеа распаѓање.

32 Бог Го воскресна Исуса и сите ние сме сведоци за тоа. 33 Откако беше вознесен и поставен од десната страна на Бог, и откако го прими Светиот Дух што Му беше ветен од небесниот Татко, Го излеа врз нас, како што вие сега гледате и слушате. 34 Зашто, самиот Давид не се вознесе на небото, а сепак рече:

„Му рече Јахве на мојот Господ:

,Седни на почесното место, од Мојата десна страна,

35 додека не ги претворам Твоите непријатели

во чергиче што ќе го газат стапалата Твои[j]!‘“

36 Затоа нека знаат сите Израелци и нека бидат уверени дека Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Месија[k]!“

37 Ова што го слушнаа до срце ги прободе, па им рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе, браќа, што да правиме?“

38 Петар им одговори: „Секој од вас треба да се покае за своите гревови, и да се крсти во името на Исус Христос, за да ви бидат простени гревовите. Потоа ќе ви биде подарен Светиот Дух, а со Него и духовни дарби. 39 Ветувањето што Бог му го даде на Давид се однесува на вас, на вашите деца, како и на неевреите[l], и на сите што Господ, нашиот Бог, ќе ги повика.“

40 Со овие, и со многу други зборови Петар им проповедаше и ги повикуваше: „Спасете се од ова расипано поколение!“

41 Во тој ден околу три илјади души искрено ги прифатија неговите зборови, па се крстија и се приклучија кон христијаните. 42 Тие се посветија на учење од апостолите, на заедничките собири, на редовно учество на Господовата вечера[m] и на молитви.

Првите христијански заедници

43 Кај народот се појави страв, зашто апостолите правеа многу чуда и видливи докази. 44 Сите христијани се здружија и се што имаа им беше заедничко. 45 Ги продаваа своите имоти и наследства и на секого му даваа според неговите потреби. 46 Секој ден се собираа во храмот, сложни и посветени. Организираа Господова вечера по домовите и секој ја делеше својата храна со другите, радосно и со чисто срце. 47 Го славеа Бога и беа омилени кај сите луѓе. А Господ секојдневно им придодаваше новоспасени души.

Footnotes:

  1. Дела Ап 2:1 Во оригиналот: Пентекост, односно Педесетница. Тоа е еврејски празник уште од старозаветно време и се славел педесет дена по нивниот празник Пасха. Во овој случај, тоа е седум недели по Христовото воскресение. Токму поради оваа случка опишана овде (т.е. слегувањето на Светиот Дух врз првите христијани), кај нас овој празник се нарекува Духовден. Но како што се гледа од случката, Духовден нема никаква врска со одење на гробишта ниту нешто слично.
  2. Дела Ап 2:4 Или: различни говори.
  3. Дела Ап 2:9 Не се мисли на целиот азиски континент, туку само на дел од полуостровот Мала Азија.
  4. Дела Ап 2:11 Луѓе што по раѓање не се Евреи, но го прифатиле еврејството и се придржувале кон Мојсеевиот Закон.
  5. Дела Ап 2:15 На големите празници, како што е Педесетница, Евреите постеле, и ниту јаделе, ниту пиеле, се до заоѓањето на сонцето.
  6. Дела Ап 2:21 Цитат од пророкот Јоел 2:28-32.
  7. Дела Ап 2:23 Буквално: човек што не се придржува кон Законот, неевреин.
  8. Дела Ап 2:28 Псалм 16:8-11.
  9. Дела Ап 2:31 Или: Месијата. Христос на грчки и Месија на еврејски значат Помазаник.
  10. Дела Ап 2:35 Псалм 110:1.
  11. Дела Ап 2:36 На грчки: Христос.
  12. Дела Ап 2:39 Буквално: на оние што се далеку.
  13. Дела Ап 2:42 Буквално: ...на раскршување на лебот - израз што ја означува Причеста, односно, спомен-вечерата Господова.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes