A A A A A
Bible Book List

Дела Ап 19Macedonian New Testament (MNT)

ТРЕТОТО МИСИОНЕРСКО ПАТУВАЊЕ

НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ

19 Додека Аполос беше во Коринт, Павле патуваше низ внатрешноста, во околината на Ефес, а потоа се симна во градот. Таму најде неколку нови Христови следбеници, и ги праша: „Го примивте ли Светиот Дух кога поверувавте?“

Тие му одговорија: „Ние и не знаеме дека постои Свет Дух!“

Тогаш Павле ги праша: „А како сте крстени?“

„Онака како што крштаваше Јован Крстител“ - му одговорија тие.

Павле им рече: „Јован ги крштаваше луѓето кои се каеја поради своите гревови. И самиот тој им велеше на луѓето дека е неопходно да веруваат во Оној што доаѓа веднаш по него, а тоа беше Исус.“

Кога го слушнаа ова, одново се крстија, овојпат во името на Господ Исус. Потоа Павле се помоли за нив, положувајќи ги над нив рацете и Светиот Дух слезе врз нив, па тие почнаа да зборуваат на други јазици и да пророкуваат[a]. Во таа група беа околу дванаесет мажи.

1) Апостол Павле проповеда во Ефес

Потоа Павле одеше во ефешката синагога три месеци каде со голем жар им проповедаше на Евреите, се расправаше со нив и ги убедуваше во врска со Божјото царство. Кога еден дел од нив тврдоглаво одбија да поверуваат и почнаа јавно да зборуваат лоши работи за Христовото учење[b], Павле ја напушти синагогата, но ги поведе со себе оние што поверуваа во Христа и секојдневно проповедаше во училиштето на Тиран. 10 Ова продолжи во текот на две години, така што сите жители на Азија[c], и Евреи и Грци, имаа можност да ја слушнат Господовата порака.

11 Бог преку Павле правеше многу необични чуда, 12 така што дури и кога врз болните ќе ставеа шамивче или дел од облека што се допрела до телото на Павле болестите исчезнуваа, а обземените се ослободуваа од демонските духови.

13 Неколку Евреи што патуваа од место во место и истеруваа демони, се обидоа над обземените од демонски духови да го употребат името на Господ Исус велејќи: „Во името на Исус, Оној за Кого Павле проповеда, ви наредуваме да излезете!“ 14 Тоа го правеа седумтемина синови на еврејскиот Првосвештеник Скева. 15 Но демонскиот дух им одговори: „Исус Го знам, а и Павле го знам, но вас не ве знам!“ 16 Па го натера човекот во кој беше влезен да се нафрли врз нив и да ги претепа, па тие голи и испоранети избегаа од куќата.

17 За ова дознаа сите што живееја во Ефес, и Евреи и Грци, па ги фати страв и искажуваа голема почит спрема името на Господ Исус. 18 Мнозина од оние што поверуваа доаѓаа и се исповедаа, признавајќи ги своите грешни дела. 19 Дури и некои од оние што се занимавале со магии ги донесуваа своите книги за магии и пред сите ги запалуваа. Цената на запалените книги изнесуваше педесет илјади сребреници[d]. 20 Така пораката за Господ брзо се ширеше и јакнеше[e].

Бунт против христијанството во Ефес

21 По овие настани, поттикнат од Светиот Дух[f], Павле реши да ги посети Македонија и Ахаја, па да замине за Ерусалим. „А потоа,“ - рече тој - „ќе треба да го посетам и Рим.“ 22 Ги испрати во Македонија двајцата свои помошници, Тимотеј и Ераст, а тој уште некое време остана во Азија.

23 Во тоа време во Ефес настанаа големи немири заради Христовото учење[g]. 24 Еден златар по име Димитри, кој изработуваше сребрени модели од храмот на божицата Артемида[h] и на тој начин се богатеа и тој и неговите соработници, 25 ги собра сите што се занимаваа со оваа и слична работа и им рече: „Луѓе, вие знаете дека нашето богатство доаѓа од овој занает. 26 Гледате и слушате дека не само во Ефес, туку речиси во цела Азија, овој човек, Павле, разубеди и одврати многу луѓе, велејќи им дека овие предмети направени од човечка рака не се богови. 27 Постои опасност не само нашиот занает да падне во немилост, туку и храмот на големата божица Артемида сосема да ја загуби својата важност, да исчезне нејзината величественост што ја почитуваат цела Азија и целиот свет!“

28 Кога го слушнаа ова, збеснаа и почнаа да викаат: „Голема е Артемида, божицата на Ефес!“ 29 Во градот настана мешаница и откако ги фатија Македонците Гај и Аристарх, сопатници на Павле, сите се собраа во градскиот амфитеатар[i]. 30 Павле сакаше да се појави пред насобраната толпа, но тамошните христијани го одвратија од таквата намера, 31 а и некои луѓе од власта што му беа пријатели му испратија порака, молејќи го да не се појавува во амфитеатарот.

32 Собирот се претвори во бркотница. Едни викаа едно, други друго, а повеќето воопшто не знаеја за што се собрани. 33 Евреите го посочија Александар и го изведоа напред, а тој замавна со раката за да ги смири и да даде објаснување пред толпата, 34 но кога слушнаа дека тој е Евреин, сите во еден глас викаа речиси два часа: „Голема е Артемида, божицата на Ефес!“

35 Најпосле градоначалникот[j] ја смири толпата и рече: „Граѓани на Ефес! Има ли некој што не знае дека Ефес е град заштитник на храмот на големата божица Артемида и на кипот што ни падна од небото!? 36 Ова никој не може да го оспори, затоа треба да се смирите и да не правите ништо непромислено. 37 Овие луѓе, што сте ги довеле овде, ниту го ограбиле храмот, ниту пак зборувале против нашата божица.

38 Ако Димитри и занаетчиите што се со него имаат некакво обвинение против овие луѓе, постојат судови и судии, па таму нека се судат. 39 Ако имате некои други поплаки, тие мора да бидат разрешени на легалното градско собрание. 40 Постои опасност Римјаните да не обвинат дека креваме бунт. Нема никаква причина да создаваме вакви немири.“

41 Откако го рече ова, го распушти собирот и луѓето се разотидоа.

Footnotes:

  1. Дела Ап 19:6 Спореди со Дела 2:4-13.
  2. Дела Ап 19:9 Буквално: за Патот; синоним за учењето на Христос, Кој изјави: Јас сум Патот, Вистината и Животот. Види Јвн. 14:6.
  3. Дела Ап 19:10 Во тоа време кога се зборувало за Азија се мислело само на западниот дел од малоазискиот полуостров.
  4. Дела Ап 19:19 Буквално: драхми. Една драхма имала вредност на една дневница.
  5. Дела Ап 19:20 Или: Така, со помош на Господовата сила, пораката...
  6. Дела Ап 19:21 Или: науми во својот дух.
  7. Дела Ап 19:23 Види фуснота за стих 9.
  8. Дела Ап 19:24 Позната и како божица Дијана.
  9. Дела Ап 19:29 Место каде што се одржувале градските собранија.
  10. Дела Ап 19:35 Буквално: градскиот писар. Всушност се работи за човекот што во името на Римјаните управувал со градот.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes