A A A A A
Bible Book List

Дела Ап 18Macedonian New Testament (MNT)

6) Павле проповеда во Коринт

18 Потоа Павле отпатува од Атина за Коринт[a]. Таму се сретна со еден Евреин по име Акила, родум од Понт. Тој, заедно со својата жена Присцила, неодамна беше пристигнал од Италија, бидејќи императорот Клавдиј беше наредил сите Евреи да го напуштат Рим. Павле отиде кај нив, и бидејќи го знаеше нивниот занает - изработка на шатори[b] - тој остана кај нив и заедно работеа.

Секоја сабота Павле одеше во тамошната синагога и им проповедаше и на Евреите и на Грците.

Кога Сила и Тимотеј пристигнаа од Македонија, Павле уште поревносно им проповедаше на Евреите дека Исус е Месијата што Го чекаат. Но кога тие се свртеа против него и почнаа да го навредуваат, тој им го врати и правот од наметката и им рече: „По своја вина ќе загинете! Јас немам вина за тоа[c]! Отсега ќе одам да им проповедам на другите народи!“

Си замина оттаму и се пресели во куќата на Тициј Јуст, побожен човек чија куќа беше веднаш до синагогата. Управник на синагогата беше Крисп. Тој и сите негови домашни поверуваа во Господ. Поверуваа и многу други жители на Коринт, кои ја слушнаа пораката, а откако поверуваа, потоа и се крстија.

Една ноќ, Господ му порача на Павле преку видение: „Не плаши се! Немој да молчиш, туку зборувај! 10 Јас сум со тебе и никој нема да ти направи никакво зло! Има многу Мои луѓе во овој град!“ 11 Така Павле остана во Коринт една година и шест месеци, проповедајќи им ја на луѓето Божјата порака.

12 Но кога Галио стана управник на Ахаја, извесен број Евреи се здружија и се кренаа против Павле. Го изведоа на суд пред Галио, 13 изнесувајќи го против него следново обвинение: „Овој човек ги наговара луѓето да Му пристапуваат на Бог на начин што е спротивен на нашиот верски Закон!“ 14 Пред Павле уста да отвори, Галио се сврте накај Евреите и им рече: „Евреи, ако се работеше за злосторство или за некаков престап, ќе бев должен да ве ислушам; 15 но со оглед на тоа што се работи за учења, за личности и за вашиот верски Закон, тоа расчистете си го самите меѓу себе. Јас немам намера да ви пресудувам за такви нешта!“ 16 Потоа ги избрка од судницата. 17 А тие го фатија Состен, кој беше управник на синагогата и го тепаа пред судот, но Галио воопшто не интервенираше.

Второто мисионерско патување завршува:

Павле се враќа во сириска Антиохија

18 Павле остана во Коринт уште извесно време, а потоа се збогува со тамошните христијани и отплови за Сирија. Со него отпатуваа и Присцила и Акила. (Претходно, во Кенкреја, согласно со еврејските обичаи, Павле си ја беше избричил главата, зашто имаше дадено таков завет.)

19 Кога пристигнаа во пристаништето Ефес, Павле се раздели од своите придружници. Додека беше во Ефес, отиде во синагогата и им проповедаше на Евреите. 20 Тие го замолија да остане кај нив подолго време, но тој не прифати, 21 туку, збогувајќи се со нив, им рече: „Ако даде Бог, пак ќе се вратам кај вас[d].“ Потоа отплови од Ефес.

22 Дојде до пристаништето Цезареја, се поздрави со луѓето од црквата[e], па замина за Антиохија. 23 Откако остана извесно време во сириска Антиохија, Павле одново тргна на пат, посетувајќи ги редум христијаните во областите на Галатија и Фригија, за да ги охрабри.

Аполос проповеда во Ефес и Ахаја

24 Во меѓувреме, во Ефес пристигна еден Евреин по име Аполос. Тој беше родум од градот Александрија, во Египет. Беше вешт говорник и добро ги познаваше Божјите книги. 25 Веќе беше упатен на Патот Господов и многу ревносно и точно проповедаше за Исус, иако знаеше само за крштавањето на Јован Крстител. 26 Тој почна смело да зборува во синагогата. Кога го слушнаа Присцила и Акила, го зедоа кај нив и уште подобро му го објаснија Божјиот Пат.

27 Аполос реши да замине за Ахаја[f]. Христијаните од Ефес го охрабрија и им напишаа писма на христијаните во Ахаја, со препорака да го прифатат. Кога пристигна во Ахаја, Аполос многу им помогна на новообратените христијани кои поверуваа благодарение на Божјата дарежлива благонаклоност. 28 Тој на јавни дебати ги побиваше Евреите со силни аргументи, докажувајќи им преку Божјите книги дека Исус е Месијата што им беше предвестен.

Footnotes:

  1. Дела Ап 18:1 Град во Грција, близу до Атина.
  2. Дела Ап 18:3 Или: кожари.
  3. Дела Ап 18:6 Буквално: Вашата крв нека падне на ваши глави. Јас сум чист.
  4. Дела Ап 18:21 Во некои ракописи: По секоја цена морам да стигнам во Ерусалим до празникот што наближува, а потоа пак ќе се вратам.
  5. Дела Ап 18:22 Некои преведувачи сметаат дека ова се однесува на црквата во Ерусалим, па овој дел од стихот го преведуваат вака: ...се искачи во Ерусалим, ја поздрави црквата и слезе во Антиохија.
  6. Дела Ап 18:27 Најголема област во Грција, јужно од планината Олимп. Понекогаш се употребува како синоним за цела Грција.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes