A A A A A
Bible Book List

Дела Ап 12Macedonian New Testament (MNT)

Убиството на Јаков и апсењето на Петар

12 Во тоа време, царот Ирод Агрипа[a] им зададе многу маки на неколку припадници на црквата. Со меч го погуби апостол Јаков, братот на Јован. Кога виде дека со тоа им угодува на еврејските челници, го уапси и Петар, и тоа за време на празникот Бесквасници[b]. Го фати Петра, го затвори и нареди четири групи од по четири војници да го чуваат, а по Пасхата да го изведе на јавно судење пред народот. Додека Петар беше в затвор, целата црква сесрдно Му се молеше на Бог за него.

Петар на чудотворен начин излегува од затворот

Ноќта, пред Ирод да го изведе на суд, Петар спиеше меѓу двајца војници, врзан со два синџира, а пред вратата на затворот стоеше стража. Одеднаш, ангел Господов му пријде и светлина болсна во ќелијата. Го потчукна по рамото и го разбуди, велејќи му: „Станувај брзо!“ Тогаш синџирите паднаа од неговите раце, а ангелот му рече: „Препаши се и обуј си ги сандалите!“ Петар го послуша. Потоа му рече: „Префрли си ја наметката и оди по мене!“

Така Петар излезе од затворот, следејќи го ангелот, и не беше свесен дека тоа што се случува е на јаве, туку мислеше дека сонува. 10 Ја поминаа првата стража, ја поминаа и втората стража, дојдоа пред железната градска порта и таа сама им се отвори, па излегоа и тргнаа по една улица. Тогаш ангелот исчезна.

11 А кога Петар дојде на себеси, рече: „Сега се уверив дека Господ навистина испрати Свој ангел да ме избави од Ирод и од она што сакаа да ми го сторат Евреите!“

12 Потоа Петар се упати кон куќата на Марија, мајката на Јован, со прекар Марко. Таму имаше многу христијани собрани на молитва. 13 Чукна на портата. Дојде слугинката по име Рода 14 и кога му го позна гласот, од радост не му отвори, туку втрча во куќата и им кажа дека Петар стои пред портата.

15 „Ти не си при себе!“ - и рекоа луѓето, но таа упорно тврдеше дека ја зборува вистината. „Тоа мора да е неговиот ангел!“ - велеа тие.

16 Петар продолжуваше да чука и кога конечно му отворија и го видоа, се стаписаа! 17 Им даде знак со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од затворот, па додаде: „Јавете му за ова на Јаков и на другите браќа - христијани.“ Потоа Петар си замина и отиде на друго место.

18 Кога се раздени, настана паника меѓу војниците. Не знаеја што се случило со Петар! 19 Ирод испрати потера, но не го најде. Ги испрашуваше и стражарите, но безуспешно, па нареди да ги погубат.

Потоа Ирод ја напушти Јудеја и привремено се пресели во Цезареја.

Смртта на Ирод Агрипа

20 Ирод беше во многу лоши односи со граѓаните на Тир и Сидон. Тие се здружија, испратија кај него делегација. Го поткупија Бласт, кој му беше собар, и побараа да склучат мир, бидејќи нивната земја добиваше храна од земјата на царот Ирод.

21 На договорениот ден, Ирод се облече во царска облека, седна на престолот, и му одржа говор на насобраниот народ. 22 Народот одушевено викаше: „Ова е глас на бог, а не на човек!“

23 Во истиот миг ангел Господов го удри со болест, зашто не Му оддаде слава на Бог. Во неговото тело се развија црви од што тој набргу умре.

24 А Божјата порака се пошироко се проповедаше и бројот на христијаните растеше.

25 Откако ја завршија мисијата во Ерусалим, Барнаба и Савле се вратија во Антиохија. Со себе го зедоа Јована, со прекар Марко.

Footnotes:

  1. Дела Ап 12:1 Ирод Агрипа му бил внук од брат на Ирод Антипа, а Ирод Велики му бил дедо.
  2. Дела Ап 12:3 Тоа е еврејскиот празник Пасха, кога се јадел леб месен без квасец.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes