A A A A A
Bible Book List

Дела Ап 11Macedonian New Testament (MNT)

Петар ги урива еврејските предрасуди

11 Апостолите и другите христијани во Јудеја разбраа дека и неевреите ја прифатиле Божјата порака. Кога Петар се врати горе, во Ерусалим, некои од Евреите - христијани[a] почнаа да му приговараат: велејќи му: „Си влегол во куќа полна со необрезани луѓе и си јадел со нив!“

Тогаш Петар почна да им објаснува што се случи, и им рече: „Бев во градот Јопа. Додека се молев, паднав во занес и имав видение: нешто како големо ленено платно врзано за ќошињата се спушти од небото и дојде до мене. Погледнав во платното и видов разни видови четириножни животни, ѕверови, влечуги и птици. Потоа слушнав глас: ,Петар! Стани, коли и јади!‘

Јас одговорив: ,Никако, Господи, зашто она што е забрането да се јаде според еврејските закони[b] никогаш не влегло во мојата уста!‘

Гласот од небото по вторпат ми проговори: ,Немој да го сметаш за нечисто она што Бог го исчистил!‘ 10 Тоа се случи трипати и потоа платното со животните се врати на небото.

11 Веднаш потоа, пред куќата во која престојував, се појавија тројца мажи од Цезареја. Тие беа испратени по мене. 12 Светиот Дух ми рече да одам со нив, без да се двоумам. Со мене тргнаа уште шестмина христијани. Заедно отидовме во домот на човекот што ме повика. 13 Тој ни раскажа како во својот дом видел ангел, кој му рекол: ,Испрати луѓе во Јопа и викни го Симон, кого уште го викаат Петар. 14 Тој ќе ти каже како да се спасите ти и сите што живеат во твојот дом.‘

15 Тукушто почнав да зборувам, Светиот Дух слезе врз нив, исто како што слезе и врз нас на почетокот. 16 Тогаш се сетив на она што Господ ни го рече: ,Јован крштаваше со[c] вода, а вие ќе бидете крстени со Светиот Дух.‘ 17 Штом Бог им го даде истиот дар како и нам, кога и тие поверуваа во Исус Христос, кој сум јас да Му се противставувам на Бог!?“

18 Кога го слушнаа ова, престанаа да негодуваат и Го прославија Бога, велејќи: „Значи и на неевреите Бог им даде можност да се покаат и да добијат вечен живот!“

Зачетоци на црква во сириска Антиохија

19 Во меѓувреме, христијаните што се беа распрснале поради прогонствата што настапија по убиството на Стефан, и беа стигнале до Феникија, Кипар и Антиохија, не им ја проповедаа Радосната вест на другите народи, туку само на Евреите. 20 Имаше само неколкумина од Кипар и Кирена, кои, откако стигнаа во Антиохија, им проповедаа и на Грците[d] дека Исус е Господ. 21 Силата Господова беше со нив и голем број поверуваа и се обратија кон Господ.

22 Кога за ова слушнаа луѓето од ерусалимската црква, го испратија Барнаба во Антиохија. 23 Тој дојде и, восхитен од Божјата благонаклоност, се радуваше и ги охрабруваше сите да Му останат верни и посветени на Господ. 24 Барнаба беше добар човек, исполнет со Светиот Дух и со силна вера. Тогаш голем број луѓе се приклонија кон Господ.

25 Потоа Барнаба замина за Тарс да го бара Савле, 26 па кога го најде, го доведе во Антиохија. Цела една година останаа таму. Се собираа во црквата и поучуваа многу народ. Токму во Антиохија следбениците[e] на Христос првпат ги нарекоа христијани.

27 Во тоа време од Ерусалим во Антиохија дојдоа неколку пророци. 28 Еден од нив по име Агав претскажа преку Светиот Дух дека по целото Римско царство ќе настапи голем глад. Тоа навистина и се случи во времето на Клаудиј. 29 Тогаш христијаните во Антиохија решија секој, според своите можности, да им испрати помош на христијаните во Јудеја. 30 Така и направија, испраќајќи ја помошта до тамошните старешини, преку Барнаба и Савле.

Footnotes:

  1. Дела Ап 11:2 Буквално: од обрежаните.
  2. Дела Ап 11:8 Буквално: гнасно и нечисто.
  3. Дела Ап 11:16 Или: во вода и во Светиот Дух.
  4. Дела Ап 11:20 Или: на Елините, што е поширока етничка категорија, а не само Грци.
  5. Дела Ап 11:26 Буквално: учениците.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes