A A A A A
Bible Book List

Јован 7Macedonian New Testament (MNT)

По ова, Исус се движеше во границите на Галилеја. Тој повеќе не сакаше да се задржува во Јудеја, затоа што еврејските верски водачи сакаа да Го убијат. Наближуваше еврејскиот празник Сеници[a]. Неговите браќа Му рекоа: „Оди[b] во Јудеја, за да можат Твоите следбеници да ги видат делата што ги вршиш! Никој не дејствува во тајност, ако сака да стане познат. Штом ги правиш овие чуда, тогаш објави му се на светот!“ (Зашто, ни Неговите браќа не веруваа во Него.)

Исус им одговори: „Се уште не е дојден вистинскиот момент за Мене, а за вас секое време е погодно. Вас светот не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, затоа што постојано му зборувам за неговите зли дела и гревови. Одете вие на празникот. За Мене се уште не е погоден моментот да тргнам на овој празник во Ерусалим.“ Тој го рече тоа, и остана во Галилеја.

Исус поучува во храмот

10 А кога Неговите браќа заминаа на празникот, тогаш и Исус се искачи во Ерусалим, но не јавно, туку скришно. 11 Еврејските верски водачи, пак, Го бараа за време на празникот и прашуваа: „Каде е Тој?“

12 Во толпата народ многу се шепотеше за Исус. Едни велеа дека е добар, а други велеа: „Тој го мами народот!“ 13 Но, никој не зборуваше јавно за Него, поради страв од еврејските верски водачи.

14 Кон средината на празникот, Исус се искачи во храмот и почна да поучува. 15 Тогаш еврејските верски водачи се зачудија и рекоа: „Од каде Му на Овој Човек такво знаење, кога никогаш не се школувал[c]!?“

16 Исус, пак, им одговори: „Тоа што го проповедам не сум го измислил Јас, туку произлегува од Бога, Кој Ме испрати. 17 Тој што сака да ја извршува Божјата волја, ќе знае дали ова учење е од Бога, или Јас во Свое име зборувам. 18 Тој што зборува во свое име се обидува себеси да се прослави. Човекот, пак, што настојува да го прослави Оној што Го испратил, е чесен и во Него нема неправда. 19 Зар Мојсеј не ви го даде Божјиот закон? Па сепак, никој од вас не постапува според тој Закон, туку сакате да Ме убиете!“

20 „Ти си полудел!“ - му одговорија од толпата - „Кој сака да те убие!?“

21 Исус им одговори: „Исцелив еден човек во сабота и сите се стаписавте! 22 Мојсеј ви го воспостави обрежувањето (не дека е од Мојсеј, туку од патријарсите е), и вие и во саботен ден ги обрежувате вашите синови. 23 Штом вршите обрежување во саботен ден и сметате дека со тоа не се прекршува Законот на Мојсеј, тогаш зошто сте бесни на Мене поради тоа што исцелив[d] човек во сабота!? 24 Не судете површно, туку судете справедливо!“

Дали Исус е Месијата?

25 Тогаш некои од жителите на Ерусалим рекоа: „Зар не е овој човекот што Го бараат за да Го убијат? 26 А ете, Тој јавно зборува и никој ништо не Му вели! Можеби старешините сфатиле дека Тој е Месијата!? 27 Но сите ние знаеме од каде е овој човек, а кога ќе дојде Месијата - никој нема да знае од каде е!“

28 Додека поучуваше во храмот, Исус извика:

„Дали навистина Ме знаете и дали знаете од каде Сум? Јас не дојдов Сам од Себе! Тој што Ме испрати е вистинит, но вие не Го познавате. 29 А Јас Го знам Тој што Ме прати, зашто од Него дојдов.“

30 Тогаш сакаа да Го уапсат, но никој не крена рака на Него, зашто се уште не беше дошол часот што Тој го определи[e] за тоа. 31 Од толпата народ собрана во храмот, многумина поверуваа во Него и говореа: „Кога ќе дојде Месијата зарем ќе направи повеќе чуда од Овој Човек!?“

Потера за апсење на Исус

32 Кога фарисеите слушнаа дека толпата народ така шепоти за Исус, во договор со свештеничките поглавари испратија стражари[f] за да Го уапсат Исуса.

33 Но Исус им рече:

„Кај вас ќе бидам уште малку време, а потоа ќе се вратам кај Оној што Ме испрати. 34 Ќе Ме барате, но нема да можете да Ме најдете, зашто вие не можете да дојдете таму каде што ќе бидам Јас.“

35 Еврејските верски водачи почнаа да се прашуваат еден со друг:

„Каде наумил да оди, кога вели дека нема да можеме да Го најдеме!? Да нема намера да оди кај грчката дијаспора, за да ги поучува Грците? 36 Што значат овие Негови изјави: ,Ќе Ме барате, но нема да можете да Ме најдете‘ и ,вие не можете да дојдете таму каде што ќе бидам Јас‘?“

37 А во последниот и најважен ден од празникот, Исус застана и извика: „Кој е жеден, нека дојде кај Мене да пие! 38 Како што вели Светото Писмо[g]: „Реки животодавна вода ќе потечат од срцето на оној што верува во Мене!“ 39 (Исус ова го рече за Светиот Дух, Кого имаше намера да им Го даде на оние кои поверуваа во Него. Светиот Дух се уште не му беше даден никому, бидејќи Исус се уште не беше целосно прославен.)

Поделба меѓу луѓето

40 Кога народот го слушнаа ова, некои од нив рекоа: „Овој мора да е претскажаниот Пророк[h]!“

41 Други велеа: „Овој е Месијата!“ Но останатите говореа: „Зар од Галилеја ќе дојде Месијата!? 42 Зарем Светото Писмо не вели дека Месијата ќе дојде од поколението на Давид и од родниот град[i] на Давид?“ 43 Така настана поделба меѓу луѓето во однос на Исус. 44 Некои од нив сакаа да Го уапсат, но никој не посегна по Него.

Неверни верски водачи

45 Стражарите, пак, се вратија кај свештеничките поглавари и кај фарисеите, а тие ги запрашаа: „Зошто не Го уапсивте?“

46 „Никој никогаш не зборувал така како што зборува Овој Човек!“ - одговорија стражарите.

47 Фарисеите, пак, им рекоа: „Да не се прелажавте и вие? 48 Не гледате ли дека никој од старешините и од фарисеите не верува во Него!? 49 Но овој проклет[j] народ, кој не го знае Мојсеевиот Закон, се заведува по Него!“

50 Меѓу фарисеите беше и Никодим[k], кој порано беше Го посетил Исуса; тој им рече: 51 „Нашиот закон не дозволува некој да биде осуден, без претходно да биде сослушан и да се дознае што направил!“

52 Тие, пак, му одговорија: „И ти ли си од Галилеја!? Проучи ги светите писма и увери се дека никаков пророк[l] нема да дојде од Галилеја!“

53 Потоа[m] тие се разотидоа, секој во својот дом.

Footnotes:

  1. Јован 7:2 Сеници - колиби од лисје и гранки. Празникот се празнувал по завршетокот на жетвата и ја прославувал Божјата добрина спрема народот, изразена преку добрата жетва. Луѓето живееле во сениците за време на празникот кој траел 7 дена. Види 5 Мојсеева 16:13-15.
  2. Јован 7:3 Јудеја била централна еврејска област во која се наоѓал и Ерусалим - престолнината на еврејската религија. Секој што посакувал водечко место морал да добие поддршка во Јудеја.
  3. Јован 7:15 Не се школувал: се мисли на фактот дека Исус не студирал кај ниту еден познат рабин (еврејски верски учител).
  4. Јован 7:23 Види Јован 5:1-18.
  5. Јован 7:30 Буквално: не беше дошол Неговиот час.
  6. Јован 7:32 Стражари - станува збор за еден вид црковна полиција во служба на храмот, која била под непосредна команда на свештеничките поглавари.
  7. Јован 7:38 Реки . . . ќе потечат - Види Исаија 12:3 и 58:11.
  8. Јован 7:40 5 Мој. 18:5,18.
  9. Јован 7:42 Родниот град на Давид е Витлеем (на хебрејски: Бет-лехејм = куќа на лебот), кој е и родниот град на Исус.
  10. Јован 7:49 Проклет - според мислењето на фарисеите. Види 5 Мојсеева 27:26.
  11. Јован 7:50 Никодим на хебрејски е Накдимон.
  12. Јован 7:52 Или: Пророкот (т.е. Месијата) нема да произлезе од Галилеја!
  13. Јован 7:53 Најстарите грчки ракописи и други антички документи не го содржат делот од 7:53 до 8:11.
Macedonian New Testament (MNT)

Copyright 1999 by HBC Radosna Vest

  Back

1 of 1

You'll get this book and many others when you join Bible Gateway Plus. Learn more

Viewing of
Cross references
Footnotes