Add parallel Print Page Options

Меѓу фарисеите[a] имаше еден човек по име Никодим[b], кој беше еврејски верски старешина. Тој дојде кај Исус ноќе и му рече: „Раби, знаеме дека Ти си учител дојден од Бог, зашто овие чуда што Ти ги правиш никој не може да ги прави, ако Бог не е со него!“

Исус му одговори: „Најсериозно ти велам: ако човек наново[c] не се роди, не може да го види Божјото царство!“

„Како може стар човек наново да се роди!?“ - праша Никодим. „Може ли да се врати во утробата на својата мајка и повторно да се роди!?“

Исус му одговори: „Ти велам и ти нагласувам: ако човек не се роди од вода и Дух, не може да влезе во Божјото царство!

Телото може да роди само тело, додека Светиот Дух раѓа нов, духовен живот, од небото. Не чуди се што ти реков: ,Морате наново да се родите!‘ Ветрот дува каде што сака. Звукот му го слушаш, но не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој што е роден од Духот.“

„Како може тоа да биде!?“ - праша Никодим.

10 Исус му рече: „Како можеш да му бидеш учител на израелскиот народ, а да не го знаеш тоа!? 11 Најсериозно ти велам: ние знаеме што зборуваме и сведочиме за она што сме го виделе, а вие нашето сведоштво не го примате. 12 Ако не Ми верувате кога ви зборувам за земни работи, како ќе Ми верувате ако ви зборувам за небесни работи!? 13 Никој не бил горе на небото, освен Синот Човечки[d], Кој слезе од небото. 14 Исто како што Мојсеј ја подигна бронзената змија во пустината[e], така ќе мора и Јас, Синот Човечки, да бидам подигнат. 15 Тогаш секој што ќе поверува во Мене, ќе се здобие со вечен живот.

16 Зашто Бог толку ги засака луѓето од овој свет, што Го даде Својот Единороден Син, за да не загине ниту еден што верува во Него, туку да има вечен живот. 17 Бог не Го испрати Својот Син во светот за да го осуди светот, туку да го спаси преку Него. 18 Ниту еден што верува во Него нема да биде суден. Оној, пак, што не верува, веќе е осуден, затоа што не поверувал во Единородниот Божји Син.

19 Пресудата гласи: „Светлината дојде на светот, но луѓето ја засакаа темнината повеќе од Светлината, затоа што постапките им беа зли. 20 Секој што врши зло ја мрази Светлината и не доаѓа кај неа, за да не се разоткријат неговите гревови. 21 Оној, пак, кој живее според вистината, доаѓа кај Светлината за да се види дека неговите постапки се направени во послушност спрема Бог.“

22 По ова, Исус и Неговите ученици заминаа од Ерусалим, но останаа во покраината Јудеја, каде што Исус помина извесно време со нив и крштаваше. 23 Јован исто така крштаваше во Енон[f], близу до Шалем, зашто таму имаше многу вода. Луѓето доаѓаа и беа крштавани. 24 Тоа беше пред Јован да биде фрлен в затвор.

25 Тогаш се разви една расправа меѓу Јовановите ученици и еден Евреин околу обредното миење. 26 Тие дојдоа кај Јован и му рекоа: „Раби, Оној Човек што беше со тебе од другата страна на реката Јордан за Кого ти посведочи дека е Месијата - ете, Тој крштава и сите одат кај Него!“

27 Јован им одговори: „Човек не може да врши никаква мисија, ако не му е дадено од небото[g]. 28 Вие самите сте ми сведоци дека реков оти јас не сум Месијата, туку дека сум испратен како Негова претходница. 29 Невестата ќе оди таму каде што е Mладоженецот, а пријателот на Mладоженецот, кој стои и слуша, од се срце се радува што го слуша гласот на Mладоженецот. Мојата радост на тој начин се исполни. 30 Тој мора да напредува, а јас да се намалувам.“

Дојдениот од небото

31 Најголем од сите е Оној што доаѓа одозгора. Оној што е од Земјата, пак, и припаѓа на Земјата и зборува за земни работи. Најголем од сите е Оној што доаѓа од небото. 32 Тој сведочи за она што го видел и слушнал, но малкумина го прифаќаат Неговото сведоштво. 33 Оној што го прифаќа Неговото сведоштво потврдува дека Бог е вистинит. 34 Зашто, Оној Кого Бог Го прати ги зборува Божјите зборови, затоа што Бог му дава Дух без мера. 35 Таткото Го сака Својот Син и Му предал се во Неговите раце. 36 Оној што верува во Синот има вечен живот; оној, пак, што му е непослушен[h] на Синот, не ќе види живот, туку останува под Божјата казна!

Footnotes

  1. Јован 3:1 Фарисеите - еврејска верска група, доминантна во времето на Исус.
  2. Јован 3:1 Грчко име со значење: народен победник; во хебрејскиот јазик: Накдимон.
  3. Јован 3:3 Или: одозгора, т.е. од небото, од Бог.
  4. Јован 3:13 Исус зборува за себе во трето лице. Види ја фуснотата за 1:5.
  5. Јован 3:14 Види 4 Мој. 21:8-9.
  6. Јован 3:23 Поавтентично е Еинаим.
  7. Јован 3:27 Се мисли: Вакви нешта не можат да му се случуваат никому, ако Бог не е со Него.
  8. Јован 3:36 Се мисли: непослушен во однос на верата во Божјиот Син.