Add parallel Print Page Options

21 Подоцна Исус уште еднаш им се појави на Своите ученици, покрај Тибериското Езеро. Тоа се случи вака: Се беа собрале Симон Петар, Близнакот[a] Тома, Натанаел од Галилејска Кана, синовите на Завдај и други двајца од Исусовите ученици. Симон Петар им рече: „Одам на риболов!“ „И ние ќе дојдеме со тебе!“ - му рекоа тие, и сите заедно тргнаа со бротчето. Но цела ноќ не уловија ништо.

В зори, Го видоа Исуса на брегот, но не Го познаа.

Тој им довикна: „Деца, имате ли некоја риба?“ „Немаме“ - му одговорија тие.

Тој им рече: „Фрлете ја мрежата од десната страна на бротчето и ќе уловите.“ Тие ја фрлија и не можеа да ја извлечат од големиот број риби што ги уловија.

Тогаш, ученикот што му беше љубимец на Исус, му рече на Петар: „Тоа е нашиот Господ!“ Штом слушна дека тоа е Господ, Симон Петар се препаша со наметката што претходно ја беше соблекол, па скокна во езерото и почна да плива кон брегот. Останатите ученици со бротчето беа на околу деведесет метри од брегот и набргу пристигнаа, влечејќи ја мрежата со рибите. Кога излегоа на копното, видоа леб и риба, ставена на разгорен јаглен.

10 Исус им рече: „Донесете од рибите што пред малку ги уловивте!“

11 Симон Петар се качи на бротчето и ја извлече мрежата на брегот. Во неа имаше сто педесет и три големи риби. Иако беше полна со големи риби, мрежата сепак не се скина. 12 „Дојдете, јадете!“ - им рече Исус. А никој од учениците не се осмели да Го праша: „Дали си навистина Ти, Господе?“, зашто знаеја дека Тој е нивниот Господ. 13 Исус зеде од лебот и им раздаде, а истото го направи и со рибите. 14 Ова беше веќе третпат како Исус им се појави на Своите ученици откако воскресна од мртвите.

Дијалог меѓу Исус и Петар

15 Кога се најадоа, Исус му рече на Симон Петар: „Симоне, сине Јованов, Ме љубиш ли повеќе од овие?“ „Да, Господе“, - Му одговори тој - „Ти знаеш дека Те сакам.“ Исус му рече: „Тогаш, храни ги Моите јагниња!“ 16 И вторпат го праша: „Симоне, сине Јованов, Ме љубиш ли?“ „Да, Господе“, - Му одговори Петар - „Ти знаеш дека Те сакам.“ „Тогаш, грижи се за Моите овци“ - му рече Исус.

17 Исус и третпат проговори и овојпат го праша: „Симоне, сине Јованов, Ме сакаш ли?“ Петар се нажали што Исус третиот пат го праша: „Ме сакаш ли?“, па Му рече: „Господе, Ти знаеш се, Ти знаеш дека Те сакам!“ „Тогаш храни ги Моите овци!“ - му рече Исус. 18 „Додека си млад, сам се препашуваш и одиш каде што сакаш. Но, те уверувам дека, кога ќе остариш, ќе ги пружиш рацете и други ќе те препашат[b] и ќе те одведат таму каде што не сакаш.“ 19 Исус го рече ова за да посочи со каква смрт[c] Петар ќе Го прослави Бога. Потоа, Исус му рече на Петар: „Дојди со Мене!“

Исус и преостанатите ученици

20 Петар се сврте и виде дека ги следи ученикот што му беше љубимец на Исус. Тоа беше истиот оној ученик, кој за време на вечерата се беше навалил на Исусовите гради и Го беше прашал: „Господе, кој е тој што ќе Те предаде?“ 21 Кога Петар го виде тој ученик, му рече на Исус: „Господе, што ќе стане со овој човек?“

22 Исус му одговори: „Ако сакам тој да остане жив додека Јас да се вратам, што ти е тебе грижа? Ти дојди со Мене!“ 23 Затоа се рашири глас меѓу Христовите следбеници[d], дека тој ученик нема да умре. Но Исус не рече дека нема да умре, туку: „Ако сакам тој да остане жив додека Јас да се вратам, што ти е тебе грижа[e]?“

Заклучок

24 Овој ученик[f] е тој што го виде и го напиша ова. Ние знаеме дека тој ја кажа вистината.

25 Исус направи уште многу други работи, но кога сите Негови дела би се запишале во книги, ми се чини дека ни во целиот свет не би ги собрало.

Footnotes

  1. Јован 21:2 На грчки: Дидимос. Види ја фуснотата за 20:24.
  2. Јован 21:18 Игра на зборови - ќе те препашат. Најверојатно се однесува на врзувањето на затвореникот пред да биде одведен на распнување.
  3. Јован 21:19 Распнување на крст. Според црковната традиција, Петар бил распнат на крст во Рим.
  4. Јован 21:23 Буквално: меѓу браќата.
  5. Јован 21:23 Јован сака да укаже дека Исусовите зборови не се пророштво, туку хипотетичка (претпоставена) изјава; со други зборови, Исус вели - ако Јас посакам тој да остане жив ...
  6. Јован 21:24 Апостол Јован се претставува себеси во трето лице, што не било необично за тоа време.