Add parallel Print Page Options

Победоносна прослава на небото

19 Потоа чув многубројни гласови на небото кои пееја вака:

„Слава на Бога[a]!

Зашто Тој суди чесно и справедливо!

Тој ја осуди бесрамната блудница,

и врз неа ја одмазди крвта на Своите следбеници,

зашто таа со своето блудство ја расипа Земјата!“

А хорот на небото повторуваше:

„Слава на Бога[b]!

Димот од пламенот во којшто таа гори,

нема никогаш да престане да се крева!“

Тогаш дваесет и четирите старешини и четирите живи суштества паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог, Кој седеше на престолот, велејќи: „Амин! Слава на Бога!“

Свадбената вечера на Јагнето

Од престолот проговори глас и рече: „Славете Го нашиот Бог, вие мали и големи - сите што сте во Негова служба и имате страхопочит спрема Него!“

Потоа чув гласови од многуброен народ - звук како од бучава на силни води и како татнеж од громови; тие говореа:

„Слава на Бога!

Господ, нашиот Семоќен Бог ја презеде власта!

Да се радуваме, да се веселиме и да Му благодариме на Бог,

зашто дојде свадбата на Јагнето и Невестата[c] е подготвена!

Нејзе ќе и се даде свадбена руба од чисто и светло ленено платно, кое ги претставува праведните дела на Божјите свети луѓе[d].“

Тогаш ангелот ми рече: „Блазе си им на поканетите на свадбената вечера на Јагнето!“ Потоа додаде: „Овие Божји зборови ќе се остварат!“ 10 Тогаш јас клекнав пред ангелот за да му се поклонам, но тој ми рече: „Немој! И јас сум Божји служител, како што си и ти, и сите други следбеници на Исус. Само на Бог поклонувај Му се! А духот на пророкувањето е јасно да се посведочи за Исус[e].“

Коњаник на бел коњ: враќањето на Исус!

11 Потоа небото се отвори и се појави еден бел коњ. Коњаникот Го нарекуваа ‚Верниот и Вистинитиот‘ и Тој е секогаш справедлив кога суди или кога војува. 12 Очите Му светат како огнен пламен, а на главата носи многубројни круни. Името Му беше напишано, но само Тој знае што значи тоа име.

13 Коњаникот носеше облека натопена во крв; Тој е познат и под името ‚Божји Збор‘. 14 Во Негова придружба беа цели војски од небото, качени на бели коњи, облечени во облеки од чисто, бело ленено платно[f]. 15 Од устата Му излегуваше остар меч, со кој ќе ги порази неверните народи. Тој ќе владее над нив со железен скиптар и ќе го изгази грозјето во кацата на зоврениот гнев на Семоќниот Бог. 16 На Неговата облека, отстрана, беше напишано: ,Цар над царевите и Господар над господарите‘.

Исусовата победа над Ѕверот

17 Тогаш забележав еден ангел кој стоеше на Сонцето и им довикуваше на сите грабливи птици што летаа во небесните височини: „Дојдете и придружете се на Божјата голема гозба! 18 Ќе јадете месо од цареви, владетели, водачи, коњи, коњаници, од луѓе слободни и од робови, од луѓе мали и големи!“

19 Потоа го видов Ѕверот како ги собра владетелите на Земјата и нивните војски за војна против Коњаникот на белиот коњ и Неговите војски. 20 Но Ѕверот беше заробен, а со него и лажниот пророк - оној што правеше чуда во служба на Ѕверот и ги заведуваше сите што имаа белег на Ѕверот и се поклонуваа пред неговата икона. Обајцата беа живи фрлени во Огненото Езеро полно со запален сулфур. 21 Останатите од војската на Ѕверот беа убиени со мечот што излегуваше од устата на Коњаникот на белиот коњ. Сите птици се наситија од нивните трупови.

Footnotes

  1. Откровение 19:1 На хебрејски: Халелу Јах, т.е., алилуја.
  2. Откровение 19:3 На хебрејски: Халелу Јах, т.е., алилуја.
  3. Откровение 19:7 Јагнето и Невестата се симболични имиња за Христос и за Црквата (христијаните).
  4. Откровение 19:8 Буквално: Светиите.
  5. Откровение 19:10 Или: пораката потврдена од Исус.
  6. Откровение 19:14 За значењето види стих 8 од истата глава.