Add parallel Print Page Options

Посетата од Исток

Исус се роди во градот Витлеем, во покраината Јудеја, во времето кога таму владееше царот Ирод. Тогаш во Ерусалим допатуваа неколку мудреци[a] од некоја источна земја и почнаа да се распрашуваат: „Каде е новородениот јудејски Цар? Видовме кога на исток се појави Неговата ѕвезда и дојдовме да Му се поклониме.“

Кога го слушна ова, царот Ирод се вознемири, а со него и целиот Ерусалим. Тој ги повика сите поглавари меѓу свештениците и сите вероучители[b] меѓу народот, за да ги праша, каде треба да се роди Месијата. Тие му одговорија: „Во градот Витлеем, кој се наоѓа во покраината Јудеја; зашто, еве како запишал пророкот Михеј:

,Ти Витлееме, во јудејската земја,

по ништо не заостануваш зад водечките градови во Јудеја,

зашто од тебе ќе произлезе Водач

Кој ќе му биде Пастир на мојот народ Израел[c].‘“

Тогаш Ирод скришно ги повика мудреците и од нив го дозна точното време кога се појавила ѕвездата. Потоа ги испрати за Витлеем, порачувајќи им вака: „Одете и подробно распрашајте се за Детето; штом ќе го најдете, јавете ми да појдам и јас да Му се поклонам.“ Откако го ислушаа царот, тие тргнаа на пат. И ете, ѕвездата што ја беа виделе на Исток одново се појави и ги водеше се до местото каде што се наоѓаше Детето. 10 Кога видоа дека ѕвездата запре, тие бликнаа од радост! 11 Влегувајќи во куќата, Го видоа Детето и мајка Му Марија, па паднаа ничкум и Му се поклонија. Потоа, ги отворија своите ковчежиња и Го даруваа со злато, со ливан и со смирна[d].

12 Потоа тие си заминаа за својата земја по друг пат, откако Бог насон ги предупреди да не се враќаат кај Ирод.

13 По заминувањето на мудреците, на Јосиф му се јави насон ангел Господов и му рече: „Стани, земи ги Детето и мајка Му и бегај во Египет; остани таму додека не ти се јавам, зашто Ирод ќе го бара Детето за да Го убие.“ 14 Тогаш Јосиф стана, ги зеде Детето и мајка Му Марија и ноќта заминаа за Египет. 15 И останаа таму се до смртта на Ирод. Со ова се исполнуваше претскажаното од Бог преку пророкот Осија[e]:

„Од Египет го повикав Мојот Син.“

Колежот на новородените деца

16 Ирод збесна кога сфати дека мудреците го надитрија и нареди во Витлеем и во неговата околина да бидат убиени сите машки деца до двегодишна возраст - согласно со времето што го беше дознал од мудреците. 17 Со ова се исполнуваше претскажаното од пророкот Еремија:

18 „Пискотници се слушаат во Рама,

плач и тажни лелеци;

Рахела плаче по своите деца

и не сака да се утеши,

зашто нив повеќе ги нема[f].“

Враќањето од Египет во Назарет

19 По смртта на Ирод, на Јосиф, кој беше во Египет, му се јави насон ангел Господов 20 и му рече: „Стани, земи ги Детето и мајка Му и врати се во израелската земја, зашто изумреа тие што сакаа да Му го одземат животот на Детето.“ 21 Тогаш Јосиф стана, ги зеде Детето и мајка Му и сите се вратија во израелската земја. 22 Меѓутоа, кога Јосиф дозна дека во Јудеја, на местото на Ирод дошол на власт неговиот син Архелај, се исплаши да појде таму. Па откако насон прими упатства, замина во покраината Галилеја. 23 Таму се насели во градот Назарет, со што се исполнуваше претскажаното од пророците дека Месијата ќе Го викаат „Назареќанец“.

Footnotes

  1. Матеј 2:1 Или: астролози; на грчки: маги; исто и во 2:7 и 16.
  2. Матеј 2:4 Во некои преводи: книжници. Тоа биле луѓе кои биле експерти за Мојсеевиот Закон и воопшто за Стариот завет. Ги учеле другите, ги препишувале старите ракописи и биле советници по религиозни прашања во управните тела.
  3. Матеј 2:6 Михеј 5:2; 2 Сам. 5:2 (или 2 Цар. 5:2).
  4. Матеј 2:11 Скапоцени ориентални мирисни масла.
  5. Матеј 2:15 Осија 11:1.
  6. Матеј 2:18 Еремија 31:15.